Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун стравува дека евентуално „воено решение“ на кризата во Сирија ќе доведе до распаѓање на земјата.
Во обраќање пред учесниците на конференцијата, посветена на 10-годишнината од нападот врз мисијата на ОН во Багдад, Бан истакна дека „продолжува да настојува Сиријците да го најдат патот кон преговарачка маса“.
Според него, ужасот на последните месеци „не остава никаков сомнеж: военото решение на кризата во Сирија ќе доведе до распаѓање на земјата“.
Бан рече дека сириската Влада и опозицијата „располагаат со многу мал прозорец од можности“ да пристапат кон преговори“.
Бан Ки-мун денеска треба да се сретне со Лахдар Брахими, специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија, со кој ќе разговара за сите аспекти на сириската криза.
Генералниот секретар на светската организација рече и дека ја разгледува можноста лично да го посети Дамаск, „кога решението ќе биде донесено во зависност од развојот на ситуацијата“.