Истражување: Дневниот студентски оброк 61 денар, 33 отсто имале искуство со корупција во домовите

Од:

Просечната оценка што студентите сместени во трите дома во Скопје, кои се под капата на Државниот студентски дом „Скопје“ („Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“), ја дале за условите и стандардот на живот во нив е 2,95 на скалата од 1 до 5, покажува истражувањето на Младинскиот образовен форум (МОФ) кое опфатило 300 станари во овие домови.

Од вкупниот годишен буџет на ДСД-„Скопје“, кој од 2014 до 2018 просечно е околу 3,5 милиони евра, само 15 проценти се издвојуваат за исхрана на студентите, а 28 отсто се за плати за вработените, а останатите за одржување на домовите. Дневниот трошок за подготовка на храна е 61 денар по студент, т.е. појадок, ручек и вечера, а во тој износ треба да се вклучат и млечни и месни производи и овошје. Нормативот за исхрана е 100 денари (сооднос 20/40/40), но и тој износ, според истражувачите, не би бил доволен со оглед на високите трошоци.

-Пресметките ни покажаа дека за станарите во просек се обезбедува една банана месечно. Од 2015 до 2018 бројот на студенти сместени во домовите е намален за 21 процент и тоа не е само поради масовното заминување на младите од нашата земја, туку и поради лошите услови во домовите, рече Петар Барлаковски.

Најчестиот одговор на прашањето зошто се сместени во студентски дом е затоа што е најевтино и станарите не би можеле да си дозволат друго сместување или затоа што немаат друг избор за сместување. Притоа кажале дека во домовите им недостигаат простории за учење и за спортски и културни активности.

-Студентски стандард не е само соба во која може да се преспие, туку и простории за учење и простории за спортски и културни активности. Исто така, 92 процента од испитаниците никогаш не биле прашани за мислење и не учествувале во носење одлуки кои ги засегаат, рече Јована Ѓорѓиовска, додавајќи дека немаат информации што работеле и во која област дејствувале советите на станари во периодот 2014 до 2018, иако знаат дека постоеле како тела.

На прашањето зошто не учествуваат во носење одлуки, одговорите на студентите биле дека немаат време, поради неинформираност за таа можност и како трета причина, која според истражувачите е инајзагрижувачка – затоа што не веруваат дека нешто ќе променат.

Според истражувањето, 40 проценти од испитаните студенти забележале коруптивни дејства во домовите (за добивање легло или привилегии), а 33 отсто имале лично искуство со некое коруптивно дејство. На прашањето дали би учествувале во коруптивно дејство, негативно одговориле повеќе од 70 проценти, а 89 проценти не знаат каде да пријават корупција доколку забележат.

Покрај оваа анализа за студентскиот стандард во државните студентски домови, МОФ презентираше и истражување за јавните набавки на ДСД-„Скопје“ за што биле користени неговите годишни финансиски извештаи, податоци добиени преку барања за пристап до информации од јавен карактер и од системот за јавни набавки.

Во периодот од 2014 до 2018 ДСД-„Скопје“ имал 193 догoвори за јавни набавки со вкупна вредност од 4,5 милиони евра. Најголема вредност на набавки (1,4 милион евра) е во 2016 година, а најмала (540.000 евра) во 2018.

Мартина Илиевска посочи дека сите домови имаат долгови што се таложеле со години, дополнително зголемени со каматите. -Сè додека не се стигне до позитивна нула, домовите нема да функционираат добро, рече Илиевска. Во однос на капиталните проекти, како градежни зафати, реконструкции и реновирање, ДСД нема ингеренции и зависи од Министерството за образование и наука преку кое одат инвестициите.

ДСД-„Скопје“ се финансира од државниот буџет и од партиципацијата на студентите за сместување, која месечно е 3.410 денари. Во земјава има 11 државни студентски домови, а 50 отсто од сите студенти се сместени во овие три дома на ДСД.

Би можело да ве интересира

Од Македонија годишно заминуваат околу 2500 високообразувани кадри

Катерина Ѓуровски

Мицкоски најави ваучери за таблети за сите студенти во вредност од 250 евра

Министерството за образование нема да го плати долгот од осум милиони евра за студентски превоз без судска одлука

Катерина Ѓуровски

Бостонската полиција уапси 100 студенти на протестите против војната во Газа

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки