Одложена е точката на денешната седница на Судскиот совет да биде разрешен претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, дознава „А1 он“. Како четврта точка на дневен ред беше предложена расправа по извештаите на комисиите за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд, на која јавноста беше исклучена.
Причината, како што брифираат нашите извори е фактот што новоизбраниот член на Советот, Миљазим Мустафа, кој го предложи претседателот на државата, Стево Пендаровски, а чиј глас беше одлучувачки за да се изгласа нестручно и несовесно вршење на судиската функција, требало да се запознае со предметот во кој се бара разрешување на Вангеловски. Касно му стигнале материјалите. За Вангеловски се водеше постапка затоа што во кривичниот совет со кој претседаваше му го укина притворот на бизнисменот Сеад Кочан. Точката е одложена и за Рахилка Стојковска, за која исто така се предлага разрешување.
Мустафа, според извори на „А1 он“ важи за близок до ДУИ поради тоа што работел 14 години во извршната власт, како предлог на таа партија, па оттука прашањето дали Вангеловски му е должник на ДУИ, особено затоа што со начелното правно мислење на највисокиот суд, би запреле истрагите за лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за пропаднатиот попис и за Бујар Османи за предметот „Пациент“ на СЈО.
Иако извештајот беше позитивен за разрешување на Вангеловски, таа точка ќе биде ставена на дневен ред на некоја од следните седници на Судскиот совет.
Претседателот на Советот, Киро Здравев, не одговори на телефонскиот повик на „А1 он“. Пред почетокот на седницата кажа дека не може да каже дали денеска ќе расправата за разрешувањето на Вангеловски, зашто тој дел од седницата не е отворен за јавност.
Вангеловски, де факто, беше избран по вторпат за претседател на Врховниот суд во 2017 година, со поддршка на гласовите на членовите на Советот блиски до ДУИ, кога ја замени тогашната претседателка, Лидија Неделкова.
На веб-сраницата на Советот е објавено соопштение во кое пишува дека Советот расправал по извештаите на комисиите за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд и одлучи:
– по едно барање Комисијата за утврдување на одговорност е задолжена да го дополни Извештајот, поради целосно и правилно утврдување на фактичката состојба;
– по едно барање донесена е Одлука за времено оддалечување од вршење на судиска функција на еден судија;
– по едно барање е донесена одлука со која е запрена постапката и
– по едно барање е одложена расправата по барање на член на Судски совет на РСМ.