Назиф Муиќ, откако ја доби наградата „Сребрена мечка“ за најдобар актер на Берлинскиот филмски фестивал се врати во Босна и Херцеговина и продолжи да си ја врши истата работа, која беше инспирација за филмот, во кој глуми „Епизода од животот на собирачот на старо железо“ на босанскиот режисер Данис Тановиќ, пишува турскиот весник „Хуриет дејли њус“.
Неочекуваното добивање на наградата и откривањето на животот на собирачите на старо железо не го промени животот на Муиќ.
По учеството на фестивалот во Берлин, тој се врати на собирањето на старо железо на улиците, за да ги прехранува својата жена и трите деца.
– Откако стивнаа аплаузите и згаснаа рефлекторите се вратив на мојот тажен живот. Заспав како познат човек, а се разбудив како препродавач на старо железо, изјави Муиќ, додавајќи дека некои луѓе го посоветувале да ја продаде наградата, која е изработена од сребро.
– Можам да живеам мачно, но никогаш нема да ја продадам Мечката, нагласи Муиќ.