Макс Верстапен е подобар возач од петкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, во моментов, тврди шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер. Холанѓанецот ја запиша првата победа сезонава во Австрија, што го стави на третата позиција во генералниот пласман зад Хамилтон и клубскиот во Мерцедес – Валтери Ботас.
– Формата на Макс е подобра. Во последните 12 месеци неговата форма е најдобрата и можам да кажам дека е најдобар пилот во светот. Макс прсто не е со најсилниот автомобил во моментов. Кога сепак ќе ги погледнете неговите резултати од Монтреал минатата година, неговиот настап е одличен и тој не направи ниту една грешка во тој период. Сето ова е нормално, бидејќи Макс е новата генерација. Луис има искуство, сеуште е многу брз и има најдобар автомобил. Макс е оној кој ќе победува во иднина, изјави Хорнер за медиумите во Велика Британија.
Во последните 24 натпревари по минатогодишното Гран При на Канада, Макс триумфираше три пати, се качи на подиумот десет пати и ниту еднаш не заврши надвор од топ 5.
Хорнер верува дека Макс е полн со енергија по неговата трансформација во лидер на тимот, што се случи откако Даниел Рикардо замина.
– Дани е голем карактер со одлична смисла за хумор и надвор од болидот, Макс се чувствуваше сеедно како да е во негова сенка. По заминувањето на Дани, Макс стана поодговорен, позрел и пофокусиран, додаде тој.