Собранието денеска ќе ја продолжи 104 седница која ја започна вчера.
Пратениците денеска ќе расправаат по преостанатите точки, а меѓу нив се и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата и двата по скратена постапка и во второ читање.
Овие два закони ќе се најдат пред пратениците на пленарна седница, откако денеска претходно ќе поминат во матичната Комисија за труд и социјална политика и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред е и Предлог-законот за управување на природното и културното наследство во Охридскиот регион во прво читање кој помина вчера пред Комисијата за култура.
Новиот закон за управување на природното и културното наследство е согласност советите и условите што УНЕСКО ги истакна во последниот извештај, а законот вчера на расправата во матичната комисија не беше поддржан од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Образложението беше дека предвидениот мораториум за градба во Охрид и слични мерки можел да се спроведе и со постоечкиот закон. Забелешки имаше и во однос на составот на советот што треба да се формира согласно предлогот. Според опозицијата, законот ги амнестира градоначалниците од одговорност.
Според СДСМ, законот треба да се донесе што е можно побрзо, бидејќи Охрид се наоѓа во страшна состојба и УНЕСКО бара реална разработка на план за справување со големата криза, а одговорноста за состојбата треба да се бара кај сите.
Комисиската расправа беше прекината поради почеток на пленарната седница и дополнително ќе биде закажана.