Венецуелскиот претседател Уго Чавес починал, јавија латиноамериканските медиуми, но според Каракас Чавес се уште владее со Венецуела.
– Чавес од 30 декември беше во клиничка смрт, изјави поранешниот амбасадор на Панама во Организацијата на американските држави (ОАД), Гиљермо Кочес за колумбиската телевизија НТН24. Според Гиљермо, Чавес неодамна бил донесен од Хавана во Каракас, со цел венецуелските власти да ја имаат можноста да ги исклучат апаратите, кои го одржуваат во живот, што се случило пред четири дена. Кочес се повикува на „доверлив извор од Венецуела“.
Телевизијата потсетува дека во јануари панамската Влада го ослободила Кочес од должноста амбасадор во ОАД, откако дипломатот упати остри критики кон венецуелската Влада и генералниот секретар на ОАД Хосе Мануел Инсулса.
Претставници на венецуелските власти изминатите денови изјавуваат дека иако е во болница Чавес се уште управува со земјата. Заменик-премиерот Николас Мадуро во вторникот истакна во телевизиско обраќање дека независно од проблемите со белите дробови Чавес „дава укази во писмена форма и со помош на други средства и оти работи за својот народ“.
Според Мадуро, Чавес, кој до неодамна беше лекуван во Хавана од рак, е подложен на мошне тешки дополнителни зафати, но додаде дека „претседател знае дека до него има луѓе подготвени во секој момент да ги исполнат неговите наредби“.
Мадуро истакна дека биле одржани три работни состаноци со вкупно траење од пет часа. Чавес, според Мадуро бил енергичен и многу среќен што повторно е во својот град, Каракас.