САД побараа од Германија да помогне во борбата против остатоците од ИД, со испраќање копнени сили, кои ќе им помогнат на курдските Сириски демократски сили во североисточна Сирија, јави ДПА, цитирајќи изјава на специјалниот претставник на Вашингтон за Сирија, Џејмс Џефри.
Џефри побара од Бундесверот да испрати инструктори, логистички експерти и техничари да заменат делумно американски војници. Тој додаде дека очекува одговор до крајот на месецот.
Вашингтон се обидува да добие поддршка од преку 80 сојузници во анти-џихадистичката коалиција, додека американските војници се повлекуваат. Германија ја поддржуваше коалицијата надвор од земјата со разузнавачки авиони „Торнадо”, авиони за полнење во воздух и обезбедување обука на припадници на Сириските демократски сили на територијата на Ирак.