Владата ќе издвои 7,5 милиони евра за изградба на брана на река Отиња, објавија денеска во Штип на зедничката прес-конференција премиерот Зоран Заев, министерот за земјоделство Трајан Димковски и градоначалникот на Штип, Благој Бочварски. Реализацијата на овој проект од локалните власти им беше ветувана на штипјани повеќе од 35 години, а беше организиран и самопридонес кон крајот на 1980-тите години.
– Со ребалансот на буџетот ќе ги обезбедиме првите средства, се работи за повеќегодишен проект, за да можеме да го тендерираме. Тендерската постапка очекувам да започне во септември. Имајќи во предвид дека за вака големи проекти се потребни од 60 до 90 дена, целта ни е до крајот на годината да имаме избрано изведувач и надзор, рече премиерот Заев.
Градоначалникот Бочварски истакна дека сите имотно-правни работи за локацијата каде што ќе биде воденото огледало на браната се решени. Браната ќе акумулира три милиони метри кубни вода, со можност за наводнување на 200 хектари земјоделско земјиште и зелени површини.
-Ветеното го реализираме. Штип конечно ќе добие брана на река Отиња, а со изградбата на акумулацијата ќе може да одигра одлична регулаторна фунција и за идно отстранување на можности за поплавување на Штип и населбите кои се покрај коритото на река Отиња, рече Бочаврски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Димковски истакна дека како Влада се вклучени во реализацијата на овој проект и тоа во делот на изработката на документацијата, со средства од Владата и од ресорното министерство се работи на студијата за оценка на влијанието на животната средина.
Втората фаза од изградбата предвидува водата од браната да се користи за производство на електрична енергија. Според проектната домкументација, изградбата ќе трае помеѓу две и пол и три и пол години, но премиерот Заев смета дека може да се финализира и многу побргу, доколку изведувачот правилно и доследно си ја заврши работата.