После првиот ден од одржувањето на најмасовниот и највисоко рангиран светски карате куп, организиран од Светската карате федерација (ВКФ), кој се одржува во Умаг, Хрватска, каратистката на Скопски Макпетрол, Анѓела Мојсовска, успеа да го освои златниот медал во највозрасната младинска категорија на постари јуниори (У21), во тежинската категорија на -68 кг.
Петар Заборски, помошник тренер на Макпетрол, истакна дека Анѓела имала извонреден настап и супериорно дошла до првото место и златниот медал.
Во првото коло таа беше слободна, во второто коло победи против натпреварувачката од Швајцарија со 4-1, во третото коло беше подобра од натпреварувачката на БиХ и победи со 5-1, во четвртото коло Мојсовска оствари уште една победа против шампионката на Хрватска која е и носител на европски медал со резултат 3-1, и во финалето победи со резултат од 4-1.
Мојсовска е спортистка од меѓународна категорија која е стипендистка на Агенцијата за млади и спорт.
Во Умаг земаа учество спортисти од 73 држави од целиот свет.