Грчка делегација престојува во Москва на разговори со претставници на руската влада, на кои ќе се бараат можности за привлекување руски инвестиции и ќе биде подготвена претстојната посета на грчкиот премиер Андонис Самарас на Русија, соопшти весникот „Етнос“.
Делегацијата е составена од заменик министерот за аграрен развој и храна Максимос Харакопулос, заменик министерот во кабинетот на премиерот и владин портпарол Симос Кедикоглу и главниот секретар на Министерството за развој Серафим Цокас.
Во рамки на посетата тие ќе имаат средби со руски колеги, а исто така и со советници и блиски соработници на рускиот претседател Владимир Путин.
Според дипломатски извори, иницијативата е во рамки на планот на грчката влада за привлекување инвестиции и има за цел да ја подготви планираната претстојна посета на грчкиот премиер Андонис Самарас на Москва.
Грчките гости ќе имаат средба и со претставници на Трговско-индустриската комора на Руската федерација, на која ќе се бараат инвестициски проекти и можности за проширување на трговските и економските односи меѓу двете земји.