Лидерката на влијателниот мексикански синдикат на просветните работници Елба Естер Гордиљо (68) е уапсена на аеродром во близина на Мексико Сити под обвинение за проневера.
Гордиљо се товари дека во периодот од 2008 до 2012 година користела средствата од Синдикато за естетски операции, за купување недвижнен имот во Сан Диего, па дури и за плаќање на нејзините сметки во продавниците на компанијата „Нојман Маркус“.
Таа веќе 23 години е на лидерската функција на Националниот синдикат на вработените во образованието, кој има 1,5 милиони членови.
Државниот обвинител Хесус Муриљо изјави дека Гордиљо е притворена под обвинение дека проневерила околу 160 милиони долари од синдикалниот фонд. Обвинителството пронајде сметки од синџирот продавници „Нојман Маркус“ во вредност од околу три милиони долари, како и сметки за пластични операции од околу 17.000 долари и за куќа од еден милион долари во Сан Диего. Еден дел од парите завршиле и на банкарски сметки во Швајцарија и Лихтенштајн.
Муриљо ги отфрли шпекулациите дека апсењето на Гордиљо е политички мотивирано. Се претпоставува дека Гордиљо, која својата кариера ја започнала како учителка, стоела зад донесувањето на важни политички одлука.