Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски и директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, денеска ги посетија областите во општина Радовиш, кои претрпеа значителни штети од поплавите како резултат на максимално обилните врнежи во овој регион.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, станува збор за населените места Злеово, Покрајчево, Јаргулица, Подареш и Ораовица, при чија посета Коњановски и Георгиевски се сретнаа со локалното население и извршија обиколка на најзагрозените подрачја.
– Денес сме тука заедно со директорот Георгиевски, на лице место да ја согледаме моменталната состојба во радовишкиот регион. Исклучително неповолните временски услови, односно максималните врнежи, доведоа и тука, посебно во населените места на Злеово, Покрајчево, Јаргулица и Ораовица, да има направени сериозни штети како резултат од создадените поплави. Станува збор за природна непогода која го зафати овој регион и во тој контекст максимално координирано помеѓу државните институции и локалната самоуправа, будно ја следиме состојбата во секој регион и директно од терен ги дефинираме активностите за менаџирање и превенција од настанатите последици. Штетите се евидентни и сериозни, но и во оваа прилика сакам да напоменам дека како Влада сме солидарни со жителите од овој регион и затоа сме тука, затоа ги превземаме сите мерки кои се во наша надлежност и затоа будно ќе ја следиме состојбата во наредниот период, истакна заменик министерот Коњановски.
Тој информираше и за активностите на Координативно тело за превенција и справување со последиците од обилните врнежи и поплавите, формирано до Владата на Република Македонија, а од градоначалникот на општина Радовиш побара целокупната расположлива механизација да се стави во функција на санирање на штетите од поплавите.