Состојбата со поплавите во општина Струмица денеска е алармантна. Врнежите од дожд во текот на ноќта и надојдените води од радовишкиот регион предизвикаа излевање на реката Струмица и останатите водотеци, кои предизвикаа поплави во населените места Просениково, Дабиле, Муртино и Сачево.
Селата сега личат на езера, оти се е под вода. Нема куќа што е не е поплавена, а во некои објекти водата е навлезена до првиот кат. Жителите се во паника, а некои од нив не можеа да излезат од своите домови, па беа евакуирани од територијалната противпожарна единица на Струмица.
Вработените во оваа единица се на терен со сите возила, се интервенира во извлекување на луѓе, испумпување на вода и доставување чиста вода за пиење.
Во акцијата за спасување и помош на жителите од овие села се вклучени и вработените во ЈПКД „Комуналец“ и приватни фирми. Жителите велат дека ваква катастрофа досега не паметат, оти и порано имало поплави, но не вакви. Под вода се и огромни хектари обработливи површини, автомобили и земјоделска механизација.