Најавената реконструкција во Владата не ги исполни очекувањата на граѓаните, промените се само козметички и претставуваат ротација на кадри, коментираат дел политички аналитичари откако вчера премиерот Зоран Заев назначи петмина министри кои ќе раководат со нови ресори, а себе се назначи за нов министер за финансии. Коментарите на аналитичарите што ги консултира „А1он“ одат во насока дека очигледно најавуваната „метла“ била повеќе употребена да ја дефокусира јавноста и да ги оттргне очите од несупешните политики на власта.
Наместо смена на министрите кои не покажаа резултати во областа со која раководат, како што најави во април, премиерот Заев направи само козметички промени и назначи луѓе кои немаат допирна точка со ресорот, смета професорот Јове Кекеновски.
„ Ако од она што го слушнавме од Заев дека се очекува поголемо внимание да се посвети на економската политика, очигледно тоа не кореспондира со фактичката состојба, со промените , бидејќи оние клучни министерства за подобрување на економската политика остануваат нечепнати, изземајќи го случувањето дека тој ќе го води го води ресорот финансии. Очигледно е дека функционира системот на двоглава извршна власт, каде што одлуките ги носат еден премиер во јавност и еден во сенка , и тој премиер во јавноста не смее да направи ништо додека не одобри премиерот во сенка“, вели Кекеновски.
Според професорот Владимир Божиновски станува збор единствено за ротација на кадри и задоволување на партиските интереси на помалите коалициски партнери.
„Се разбира дека очекуваваме сите многу повеќе. Кога се прави реформа, односно реконструкција на влада треба прво да се детектираат слабите точки, да се најдат причините кои се и потоа да се направи план, да се донесат луѓе и да се најде начин како да се надминат тие слабости. Ние тука видовме ротација на кадри, одредени места за дел од коалициските партнери и пополнување на испразнетите места поради оставки, далеку е од она што се најавуваше“, вели Божиновски.
Во однос на одлуката Заев да го заземеме и министерското место за финансии, двајцата сметаат дека не е најдобриот потег на премиерот.
„Очигледно минатата година премиерот бил искрен по барањата за одредни смени на функционери по скандалот за доделување грантови, кога тој излезе со изјава „ние немаме други кадри,“ дали сега со ова се потврдува, останува да видиме“, заклучува Божиновски.
Кекеновски , пак смета дека тенденцијата е поголема концентрација на моќ во рацете на првиот човек на Владата.
„Очигледно тенденцијата е ништо да не се испушти од раце, максимално да се контролира, тоа е чинам непотребен товар и жежок костен во рацете на премиеро. Подобро е да раководи некој кој исклучително добро ја познава проблематиката, отколку да се концентрира власта во рацете на премиерот, сметајќи дека така ќе ги дисплинира или ке ја подобри политиката“, додава Кекеновски.
Реконструкцијата на Владата премиерот Заев ја најави по првиот круг од претседателските избори и требаше да опфати осум министри, заменици и 20-тина директори на јавни претпријатија, членови на управни и надзорни одбори.
Седницата за избор на новите министри е закажана за в среда.