САД казнија неколку компании поради извоз на кинески стоки преку економската зона во Камбоџа за да ги избегнат американските царини на увоз од Кина, изјави денеска претставник на американската амбасада Аренд Звартјес.
– Министерството за домашна безбедност спроведе инспекции и казни повеќе компании поради избегнување на царините во САД со пренасочување на стоки преку Камбоџа, рече Звартјес.
Тој не ги кажа имињата на компаниите и нивниот број, ниту износот на казните, како и стоката што компаниите ја извезувале.
Звартјес додаде дека компаниите се наоѓаат во посебна економска зона во Сихануквил во Камбоџа.
Специјалната економска зона Сихануквил се наоѓа 210 километри западно од главниот град Пном Пен. Таа е формирана во соработка со Кина, во рамките на иницијативата Еден појас, еден пат.
Кина е најголем инвеститор и донатор на помош во Камбоџа, а преку иницијативата Еден појас, еден пат инвестира милијарди долари како помош за развој и заеми за воспоставување на подобри копнени и морски врски со југоисточна и централна Азија, Блискиот Исток, Европа и Африка. Камбоџа исто така, има статус на привилегиран трговски партнер на САД, според договорот кој беше проширен во 2016 година, што и овозможува бесцарински извоз во САД на производи како патни и рачни торби.