Во пресрет на летната туристичка сезона која на Дојранското Езеро најголем интензитет достигнува кон крајот на јули и почетокот на август, ќе се уредува нова плажа на езерското крајбрежје во Сретеново, Стар Дојран.
Од Општина Дојран потврдија дека плажата ќе биде долга 200 метри и ќе биде посипана со слој автохтон песок од 30 сантиметри. Покрај ова, плажата ќе добие заштита од потпорен ѕид од армиран бетон со дебелина од 30 сантиметри.
По изградбата, плажата во Сретеново ќе биде целосно партерно и хортикултурно уредена за да ги пречека туристите.
Слична плажа минатата година беше изградена во близина на границата со Грција, во атарот на селото Николич. Моментно долж Дојранското крајбрежје до граничниот премин Дојран, во употреба, заедно со приватните, има десеттина плажи уредени за потребите на гостите кои од година во година доаѓаат во се поголем број.