Владата на Хонг Конг се извини поради спорниот закон за екстрадирање граѓани на кинеските власти, што предизвика масовни улични протести во текот на изминатава недела.
Во соопштението на Владата се наведува дека недефинираните недостатоци во нејзината работа „довеле до значајни контроверзии и спорови во општеството, што предизвика разочарување и тага меѓу луѓето“.
Лидерката на Хонг Конг, Кери Лам им се извини на граѓаните, истакнувајќи дека ги прифаќа критиките и ќе се обиде да го подобри служењето на народот.
Неколку десетици илјади луѓе денеска повторно излегоа на улиците на Хонг Конг, откако Лам вчера соопшти дека Владата времено го суспендира разгледувањето на законот, но демонстрантите бараат негово целосно повлекување.
– Нашите барања се едноставни. Кери Лам мора да поднесе оставка, законот за екстрадиција мора да биде повлечен и полицијата мора да се извини за примената на екстремно насилство врз сопствениот народ, изјави еден од организаторите на протестот.