Во Кавадарци вечерва се реализира презентација на вооружување, опрема и возила од Армијата на Северна Македонија и на САД, кои учествуваат во теренската вежба Одлучен удар. На оваа презентација се приклучи и ТППЕ на Општина Кавадарци со своите возила и опрема. Презентацијата е збогатена со аниматори за деца, жонглери, уличен баскет,музика и дружење. Целта е сите граѓани одблизу да се запознаат со вооружувањето и опремата на двете армии.
-На задоволство на општина Кавадарци и на граѓаните заедно, со НАТО и со американската војска, нормално со армијата на нашата држава, се договоривме денеска да направат презентација на опрема, која е стационирана во базата Криволак. Ова е добар начин и цивилното население да се запознае со самата воена опрема и да се биде блиску до народот. Сите впечатоци кои нашите посетители ги оставаат се одлични, затоа што се наидува на насмеани и топли ликови и ликови кои си ја сакаат својата држава и армијата како важен дел од државата, рече градоначалникот Митко Јанчев.
Задоволство од тоа како беа пречекани, со насмевки од сите страни, изрази и Давид Полингер, од Хановер. Рече дека ова е негова прва посета овде и дека првпат излегува од неговата база од Америка и да ја посети нашата држава. Нагласи дека е презадоволен и покрај тоа што деновиве е малку повеќе жешко.
„Одлучен удар“ е досега најголема вежба која ја организира нашата армија во која учествуваат околу 2.700 војници од армии на уште пет сојузници – САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора. Нашата армија и војската на САД учествуваат со по 1.300 војници, додека Црна Гора со 75, Литванија 10, Бугарија 25 и Албанија со 25 војници.
Вежбата има за цел зајакнување на стандардните оперативни процедури на единиците од составот на армијата, подобрување на интероперабилноста и унапредување на заемното разбирање и доверба и зајакнување на меѓусебната соработка.