Министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери денеска оствари средба со амбасадорот на Република Албанија во Република Македонија, Арбен Чејку, на која беа истакнати одличните билатерални односи и соработка меѓу двете земји, особено во областа на одбраната.
Џафери и амбасадорот Чејку, соопшти Министерството за одбрана, недвосмислено се согласија дека одржувањето на односите базирани на меѓусебно почитување всушност претставуваат основа за регионален развој.
Воедно, соговорниците, како што се наведува, разгледаа повеќе прашања кои се во функција на натамошно одржување и продлабочување на билатералната соработка, и чекорењето на патот на евроатлантското интегрирање, меѓу кои и календарот на активности на групата А5 и заедничката соработка во мировните мисии на глобално ниво.
Амбасадорот Чејку му го честиташе на Џафери изборот на функцијата министер за одбрана и му посака успех во управувањето со групата А5, стои во соопштението.