Француската амбасадорка во Македонија Лоренс Оер денеска во Битола изјави дека својата дипломатска активност ја почнува во комплициран момент за државата. Порача дека политичкиот дијалог мора да продолжи и дека тоа е еден од ангажманите на дипломатскиот кор во Република Македонија.
– Доаѓам во еден многу комплициран момент, кога политичкиот дијалог се прекина и тој мора да продолжи. Политичкиот дијалог мора да продолжи за државата да може да се презентира пред Европскиот совет кој ќе заседава во јуни. За мене и моите колеги од европските земји е постојана грижа и заедничка задача да го вратиме политичкиот дијалог и тој да продолжи во позитивна насока, рече Оер, одговорајќи на новинарско прашање.
Таа денеска ги посети Универзитетот во Битола „Св.Климент Охридски“ и локалната самоуправа и искажа задоволство што нејзината прва функција амбасадор ја почнува во Република Македонија.
– Среќна сум што мојата прва функција амбасадор на Франција ја почнувам во земја кандидат за прием во Европската унија и верувам дека во наредните три години ќе имаме многу работи што можеме да ги направиме. Доаѓам во држава што е многу гостољубива и која во себе има многу адути, истакна Оер.
Новонаименуваната амбасадорка на Франција Оер и амбасадорката на Германија Гурдун Штајнакер вечер во Битола ќе ја отворат изложбата „Де Гол – Аденауер: градители на француско-германското пријателство“, посветена на јубилејот 50 години од Елисејскиот договор.