Јавниот обвинител Љубомир Јовески на денешната конференција за соработка и правна помош со Италија и Европската унија во борба против транснационалниот организиран криминал изјави дека домашното обвинителство има потреба од кадровско доекипирање како и ресурси за работа како би останале во соработка со обвинителствата од другите европски земји.
-Организираниот криминал бара систем на правото кој функционира во пракса. Обвинителствата треба да ги надминат сите препреки. Институциите ќе имаат обука и ќе ги добијат потребните ресурси за дејствување. Меѓудругото постојат и важни предизвици во однос на кадровско доекипирање на обвинителството. Нашите органи нема да можат да остварат меѓународна соработка доколку не ги развијат внатрешните институции како би дошло до за размена на информации, рече Јовески.
Јавниот обвинител истакна дека едностраните реакции на една земја не се доволни за сузбивање на организираниот криминал, туку потребно е групно дејствување како најефикасен и најбрз начин за решавање на овој тип на криминал.
-Република Северна Македонија ратификува повеќе конвенции со кои се регулира меѓународната правна помош како оние со ЕУ и ОН. Конвенциите и договорите сепак не се доволна гаранција за ефикасен прогон. Националните власти треба да обезбедат разменување на информации и продлабочување на соработката на повисоко ниво.
Организираниот криминал е сериозна закана за секое современо општество. Ја намалува довербата на граѓаните и создава правна несигурност. Неговата зачестеност ја детерминира потребата од меѓународна соработка што е клучно во справувањето. Ниту една држава сама изолирана не миже да го совлада организираниот криминал затоа соработката е посебно значајна.
Потребна е посветеност, соработка помеѓу институциите и соработка на меѓународен план, рече Јовески.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески и националниот јавен обвинител за гонење на мафија и тероризам на Италија, Федерико Кафеиро де Рахо потпишаа меморандум за соработка помеѓу двете земји за заедничка соработка и правна помош во борбата против транснационалниот организиран криминал.
Виктор Јованов