Во првите пет месеци од годинава извршени се околу 50 илјади контроли за безбедност на храната во земјава и се поднесени две кривични пријави против оператори што го загрозиле здравјето на луѓето со пуштање незбезбедна храна во промет. Во едниот случај има и доказ за штетна последица кај корисникот, соопшти Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство која денеска организираше тркалезна маса за првото одбележување на Светскиот ден на безбедна храна.
Оцени дека во земјава се јаде безбедна храна, која се испитува по стандарди на ЕУ зашто и законодавството во оваа област, рече, е усогласено 88 проценти со европското. Агенцијата изработува посебни програми за присуство на хемиски, биолошки и физички контаминенти и е законски обврзана да прави контроли и тие се постојани во маркетите. Покрај документација, се земаат и мостри и се носат во лабораторија на испитување.
– Во Македонија се јаде безбедна храна, а тоа го покажуваат и бројките. Ако во светот вкупно 600 милиони луѓе се погодени со алиментарна интоксикација, односно во просек заболува еден на десет луѓе, во Македонија минатата година се пријавени девет случаи, меѓутоа само во пет е потврден причинителот за труење со храна, а погодени се 173 луѓе во тие инциденти. Ако ги пресметате нив, може да го добиете и процентот, истакна Атанасов.
Најчести недостатоци што ги откриваат се фалсификување односно кога се употребуваат лажни етикети и се прикажува нешто друго. Го посочи минатогодишниот случај на измама на потрошувачите со мелено месо за што беа казнети седум оператори. Контролата тогаш утврдила дека во свинско или говедско месо се ставало пилешко месо и не било декларирано.
Состојбата на пазарот ја следи и Организацијата на потрошувачи на Македонија од каде што апелираат потрошувачите да внимаваат што купуваат, да ги читаат декларациите и рокот на производите и да реагираат до надлежните во продавниците за да ги отстранат недостатоците. Особено треба да се внимава на млечните и месните производи кои се најлесно расипливи.
Татјана Тасевска, претставник на Организацијата на потрошувачи, изјави дека се намалува бројот на приговори за храната. Заедно со Агенцијата за храна работат на едукација на граѓаните преку едукативни електронски билтени и брошури на одредени теми.
-Од година во година е намелен бројот на приговори на потрошувачи за храната. Се уште тие, главно, се однесуваат на декларациите на производите – дека се нецелосни или нечитливи, се уште се затекнуваат и производи со поминат рок во продавниците. Секако има и приговори за неквалитетни производи што самиот потрошувач може да ги оцени – променета боја, вкус…, рече Тасевска.
Светскиот ден на безбедна храна 7 Јуни се одбележува првпат годинава откако Обединетите нации донесоа резолуција лани во декември. Покрај тркалезна маса, денеска во Градскиот трговски центар се организира и едукативно-информативен настан за важноста на безбедноста на храната.