Шефот на Мерцедес, Тото Волф смета дека патеката „Жил Вилнев“ во Монтреал, Канада ќе биде голем предизвик за Мерцедес да ја продолжи победничката серија во Формула 1.
„Сребрените стрели“ се во серија од шест последователни победи од почетокот на сезоната и ќе се обидат да го израмнат достигнувањето на Мекларен од 1988 година.
Волф сепак, верува дека тркачката патека во Канада му дава на Ферари предност поради долгите правци и помалиот број кривини.
– Гран При на Канада е седмото натпреварување од календарот и почнуваме да ги гледаме појасно предностите и слабостите на нашиот автомобил. Во првите шест трки бевме многу силни на кривините, но изгубивме време на правците. Токму затоа Канада ќе биде голем предизвик за нас, бидејќи карактеристиките на трасата одговараат повеќе на Ферари – има многу правци и помалку кривини, прокоментира Волф.