Прилепчани синоќа го проследија хуманитарниот концерт на „Танец“ и на гостите на вечерта Блага Петреска и Сузана Спасовска, наменет за обнова на опожарениот манастир Трескавец. Продадени беа сите 650 влезници со колкав капацитет располага големата сала од Домот на културата „Марко Цепенков“.
Овој концерт и синоќешната претставата на Театарот Комедија во Скопје се првите културни настани од серијата планирани за помош на Трескавец.
Директорот на „Танец“ Зоран Џорлев изрази задоволство што први ги започнуваат хуманитарните акции за Трескавец.
– Мило ми е што „Танец“ и Театарот Комедија во Скопје први ги започнуваат хуманитарните акции. Ветуваме дека ќе има и многу груги концерти и сето го правиме за возобновувањето на нашиот манастир Трескавец. Многу сум среќен што има многу публика, се бараше влезница повеќе. Во меѓувреме ми се јавија многу од дијаспората кои сакаа на кој било начин да се вклучат во хуманоста, изјави Џорлев.
Монахот Калист кој речиси пеш се симна вчера од манастирот Трескавец поради непроодноста на патот емотивно вели дека само може да изрази голема благодарност до сите.
– Трескавец е соборна љубов на прилепчани, на сите. Во оваа прилика би кажал едно големо благодарам за директорот на „Танец“, за прилепската локална самоуправа и градоначалникот за сета поддршка што ни ја даваат. Големо Благодарам на сите граѓани што ги купија влезниците и што ни даваат поддршка на најразличен начин. Јас отсекогаш велев дека Трескавец за прилепчани е една соборна љубов. Отсега ќе велам дека Трескавец е плод на таа љубов на сите жители на Македонија па и на нашите во дијаспората, изјави монахот Калист.
Со концертот во Прилеп и претставата во Скопје, Министерството за култура го почна анимирањето на сите културни институции со концерти, претстави, настани да се вклучат во акцијата за собирање средства за обнова на Трескавец. Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески најави во април голем концерт на градскиот стадион „Гоце Делчев“ на музички ѕвезди од земјава и од Балканот.