Според договореното во Брисел, северниот дел на Косово ќе добие повеќе од предвиденото според планот на Марти Ахтисари – автономија или етнички дел како Република Српска, пишува денеска приштинскиот весник „Зери“.
Весникот додава и дека заедницата на српските општини, која била побарана од Белград, ќе ги опфати само општините на север, без оние јужно од реката Ибар.
„Зери“ наведува дека ниту еден детал од договорот меѓу премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи не е објавен со цел да се зачува внатрешниот мир поради „болните“ отстапки кои ги направиле и двете страни.
– ЕУ намерно не објави ниту еден детал, бидејќи станува збор за болни отстапки за Северно Косово. Со договорот се дава автономија на северниот дел на Косово: Ахтисари-плус или еден вид Република Српска, наведува „Зери“, додавајќи дека договорот е поддржан од Белград и Приштина и од посредничката во дијалогот Кетрин Ештон.