Главната француската асоцијација на жртвите на тероризмот денеска апелираше смртната казна на која во Ирак беа осудени шестмина француски џихадисти, поради нивните активности во рамките на групата Исламска држава, да им биде заменета со доживотен затвор, јави дописникот на МИА.
Француската асоцијација на жртви на тероризам (АФВТ) во своето соопштение потсетува на нивното „длабоко противење на смртната казна“. Асоцијацијата се надева дека џихадистите „се судени и осудени со почитување на нивните основни права“.
– Така, ние бараме овие казни да бидат заменети со доживотен затвор и овие џихадисти да бидат сослушани од страна на француските судски власти, се вели во соопштението.
Во изминативе три дена, ирачките власти на смртна казна со бесење осудија шест француски државјани, Кевин Гоно, Леонардо Лопез, Салим Mашу, Мустафа Мерзуги, Брахим Нејара и Карам Ел Харшауи.
– Да се изврши смртната казна врз Леонардо Лопез, против кого е издадена меѓународна потерница во јули 2016 година, значи да се спречи француската правда да добие одговори за неговото учество во џихадистичката група Ансар ал-Хак, вели основачот и извршен директор АФВТ, Гијом Денокс од Сан Мар.
Според АФВТ, на уште двајца француски државјани ќе им се суди во Ирак на 2 и 3 јуни, а за 12 други се чека судење.
– Извршување на смртните казни на овие џихадисти ќе им оневозможи на нашите општества и на жртвите на тероризмот да ги разберат причините за нивното заминување и последиците од нивната организација, подвлекува здружението.
За многу терористички напади во Франција и против француските државјани во странство остануваат многу сиви области за разјаснување.
Здружението ги потсетува француските власти дека Франција презела обврска во однос на тоа да се бори против смртната казна во светот, повикувајќи се на точка 13 од Спогодбата за партнерство и соработка меѓу ЕУ и во Ирак, усвоен од страна на Европскиот парламент на 4 јануари 2018 година.
Таа ги повикува државите на Унијата „укинувањето на смртната казна да го направат приоритет на овој дијалог и ирачките власти веднаш да применат мораториум на смртната казна“.