Пилотот на Ферари, Себастијан Фетел, по второто место освоено на трката за Големата награда на Монако, изјави дека болидите на неговиот тим се инфериорни во однос на оние на Мерцедес.
– Тешка трка. Во Монако, нешто секогаш се случува, како што се случи и овојпат. Видов контакт меѓу Верстапен и Ботас на пит-линијата мислев дека ова може да ни даде добри шанси. Јас се обидов да бидам што поблиску до лидерот, но на крајот од трката гумите почнаа да гранулираат. Не знам зошто, но никако не можев да ги загреам, иако имав помалку проблеми од Хамилтон и Верстапен. Постигнавме одлични резултати, но сé уште имаме многу работа, бидејќи ние сме далеку зад Мерцедес, изјави Фетел.
Во Генералниот пласман од шампионатот во Формула 1, возачите на Мерцедес, Хамилтон и Ботас се на водечките позиции со 137 и 120 бода. Фетел е трет со 82.