Комисијата за верификација на фактите ја завршила проверката на кандидатските листи за локалните избори за 30 општини и материјалите се испратени до Државната изборна комисија.
Од почетокот на постапката, утврдено е дека 12 ландидати за советници минуваат низ евиденцијата во Државниот архив. За тројца од нив е констатирано дека не соработувале со службите, изјави за МИА портпаролот на Комисијата Предраг Димитровски.
Димитровски појаснува дека за сите 12 лица станува збор за повторување на имиња и презимиња и оти се работи за сосема различни личности што било констатирано од споредбата на податоците, пред се во однос на годините на раѓање. Откако ќе се комплетираат информациите за 12-те кандидати за советници кои минуваат низ евиденцијата, ќе бидат комплетирани листите за уште четири општини.
Лустрациска има добиено повратни одговори за сите 6.339 кандидати од Државниот архив, Агенцијата за разузнавање, Воената служба за безбедност и разузнавање, а недостасуваат уште одговорите од Управата за безбедност и контраразузнавање. Овие информации, според Димитровски, се очекува да пристигнат до Лустрациска до крајот на работното време по што Комисијата ќе продолжи со работа до завршување на проверката за сите кандидати.
– Со сегашното прочистување не завршува процесот на лустрација затоа што членовите на Комисијата и понатаму имаат можност за анализа и истражување и доколку постои сомнеж за кој било од избраните нови советници или градоначалници тој ќе биде ставен на дневен ред на Комисијата, истакнува портпаролот на Лустрациска, но додава дека мали се изгледите за тоа бидејќи најголем дел од кандидатите за советници и градоначалници се млади луѓе.