Боцвана ја укина петгодишната забрана за лов на слонови, а како причина го наведе растот на судири меѓу тие диви животни и локалното население, јави Си ен ен.
Околу 130.000 слонови живеат во таа африканска земја, или приближно една третина од популацијата на слонови на континентот. Во 2014 година Боцвана воведе забрана за лов на слонови за да се спречи криволов. Но, зголемувањето на бројот на овие животни по воведувањето на забраната за лов почна да станува проблем за населението во таа област.
Природните живеалишта на африканскиот слон се намалуваат и поради тоа се почести се контактите меѓу луѓето и овие животни. Слоновите понекогаш ги уништуваат посевите и залихите со вода, убиваат стока, но исто така, повредуваат и убиваат луѓе.
Властите во Боцвана уште во февруари предложија укинување на забраната за лов на слонови, бидејќи веруваат дека ги има премногу и станале товар на екосистемот на таа земја.
Покрај тоа, тие препорачаа отворање погони за конзервирање месо од слонови за од него да се направи храна за домашни миленичиња.
Сепак, експерти предупредуваат дека овој вид би можел да изумре ако не биде заштитен. Се смета дека пред европската колонизација во Африка имало околу 20 милиони слонови. До 1979 година останале само 1,3 милиони. Според првиот голем попис на слонови во 2016 година, популацијата на слонови во периодот од 2007 до 2014 година се намалила за 30 отсто.