Подигнување на нивото на гастрономската понуда и угостителските услуги преку мастер-часови со врвни готвачи, како и поголема промоција на туристичката понуда на градот во Италија е целта на второто издание на второто издание на гастро-турата „Taste Ohrid“ што во организација на Општина Охрид, Факултетот за туризам и угостителство и туристичкиот кластер на југозападна Македонија (ЕДЕН) од денеска се одржува во Охрид.
Во Охрид повторно е италијанскиот готвач со престижната „Мишелин“ ѕвезда, Џорџо Дијана, кој пред на пријавените студенти и претставници од угостителските објекти во Охрид ќе им презентира нови техники на готвење со конзервирање на храната, пастеризација на продуктите, споро готвење, како и важноста на новите техники и методи на готвење во кујната на модерните ресторани и хотели.
– Тука сум за да се обидам да помогнам во промоцијата на Охрид, како прекрасно место вредно да се посети, но истовремено и да укажам на потребата да се работи на тоа градот да постои и на гастрономската мапа. Мојата задача тука е да се обидам на готвачите да им пренесам дел од основите на готвењето, да знаат за потеклото на состојките од кои планиераат да готват…Да се биде шеф во кујна не значи да се знае да се готви, тоа да е рутина, туку да се пристапува кон работата со страст, а не да се готви само за да се обезбедат средства за егзистенција, рече Дијана.
Во Охрид е и Андреа Бијаџини, исто така готвач со мишелин ѕвездичка, но и сопственик на консалтинг-компанија и списанието „Food & Lifestyle“, кој ќе се обиде дел од своето огромно искуство во угостителството да пренесе на менаџерите од рестораните и хотелите во Охрид преку практичните обуки за маркетингот и неговото влијание врз туризмот, како и вредноста на добрата храна во целокупната туристичка понуда на градот.
– Природните убавини и културно-историските споменици сами по себе не се доволни за современ туризам. Како еден од најважните, можеби и пресуден фактор за успешна туристичка приказна е добрата храна, гастрономијата како додадена вредност на секоја туристичка понуда, рече Бијаџини кој истакна дека негова задача после враќањето дома да ги запознае граѓаните на Милано со убавините на Охрид, односно негова промоција пред потенцијалниоит туристички пазар на северна Италија.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески во оваа прилика ја посочи потребата од „освежување“ на менијата на рестораните во градот, согласно светските трендови кои наметнуваат нова димензија во кулинарството.
– Рестораните треба да се идентификуваат со сопствен печат во готвењето и креирањето уникатни гастрономски специјалитети, рече тој изразувајќи уверување дека ваквите настани значително ќе ја подобрат туристичката понуда на градот.
Притоа тој укажа на можноста преку директното авионско поврзување со Милано за промоција на Охрид како примамлива туристичка дестинација за жителите на тој дел на Италија и поширокиот регион.
– Италијанците важат за туристи кои сакаат места што не се толку комерцијализирани, специфични по својата природна убавина, како што е и Охрид. Во наредниот период ќе работиме во насока на наше промовирање во тој дел на Северна Италија, рече Георгиески.
Она што беше посочено од страна на експертите од Италија е потребата на приготвување храна пред се користење локални производи, секако зготвени на современ и здрав начин, со цел да ги задржат својствата што ги дефинираат нивните особености. Како примери беа посочени охридскиот домат, за кој светските готвачи рекоа дека е со исклучителен квалитет, секако рибата од Охридското Езеро, црешата…
Професор Ангела Василевска од ФТУ тука ја посочи и проблематиката на легислативата и хасап-стандардот, кој ги ограничуваше угостителските објекти производите да ги обезбедува исклучиво од лиценцирани добавувачи, што е проблем за локалните производители и секако проблем во обидите за формирање специфична локална кујна.
– Стандардот што го определува призводството на сирење наметнува пастеризација на млекото, што како процес ги уништува аромите во млекото добиени зависно од местото каде се врши испаша на животните. На тој начин се губат особеностите на сирењето. Преку слоу-фуд организацијата аплиравме до ресорното Министерство за земјоделство така што очекуваме наскоро измени во легислативата, што ќе овозможи поголема употреба на продукти од локалните производители, што од една страна ќе значи специфична гастрононмска понуда, а од друга страна посигурен пласман на регионалните производи, рече Василевска.
Минатата година Општина Охрид изработи физибилити студија за откупно-дистрибутивен центар, во која се дефинирани условите во однос понудата и побарувачката на локални производи. Таков центар каде на едно место ќе можат да се најдат сите локални производи, секако ќе им ја олесни работата и на угостителските објекти, во смисла на креираање менија со понуда на храна што ќе има свои особености, специфична и посебна и како таква атрактивна за туристите.