Првата Парада на гордоста (Skopje Pride) во Македонија за правата на ЛГБТ заедницата ќе се одржи на 29 јуни, информираа од организационот одбор за одржување на овој настан.
Организаторите сметаат дека парадата ќе помине достоинствено и безбедно и дека државата е подготвена и зрела за организарање на ваква парада на која ќе се чуе гласот на различните, која во светски рамки има традиција повеќе од 50 години.
„Ова е протест на кој што ќе бараме афирмација за остварување на наштите права и слободи. Ова е протест на изразување на слободната волја на различните кои батаат еднаков пристап во општеството, но и протест за оддавање почит на луѓето кои биле жртви на насилство и стигматизирани во општеството поради различна сексуална ориентација“, рече Антонио Михајлов на денешната прес-конференција во Хелсиншкиот комитет.
Организаторите од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, веруваат дека ќе има масовна поддршка и посетеност на првиот настан во земјата со кој се бранат боите на различноста и дека МВР ќе биде на ниво на задачата парадата да помине без несакани инциденти.
„Ние сме во постојан контакт со МВР, ќе има обезбедување на протестот од сите страни каде ќе се движи колоната, одговорност има и кај нас како организатори и порачуваме граѓаните слободно да дојдат да дадат поддршка, дека ќе бидат обезбедени сите од прв до последен“, истакна Кочо Андоновски, член на организациониот одбор.
Ги повикаа сите граѓани и политичари и кои сакаат да дадат поддршка на ЛГБТ заедницата да бидат дел од првата Парада на гордоста во Скопје.
Габриела Димковиќ Мишевска