Средбата на Заедничкиот мултидисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Грција, продолжува денеска во Охрид, јави за дописничката на МИА од Атина.
-Со Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти во Охрид за четвртата средба, напиша вчера на Твитер, заменик министерот за надворешни работи на Грција, Маркос Боларис, кој воедно го предводи грчкиот тим во Комитетот за учебниците и објави заедничка фотографија.
Ова е четврта средба на Комитетот воспоставен со член 8 став 5 од Договорот од Преспа.
Третата средба се одржа во Атина на 12 и 13 април 2019 година, а според заедничкото соопштение на двете министерства за надворешни работи, состанокот помина во пријателска, конструктивна и позитивна атмосфера и „беше остварен напредок во однос на исполнувањето на задачите на Комитетот и беа потврдени и дополнително елаборирани заклучоците од втората средба“.
-Двете страни се согласија да продолжат со имплементација на мандатот што им е доделен со Преспанскиот договор, во рамката на принципите и целите на УНЕСКО и Советот на Европа. На средбата беа разгледани и дискутирани курикулумите на двете страни, а исто така се разговараше и за учебниците по историја, соопштија минатиот месец од двете министерства.