Поранешната аналитичарка во американската армија Челси Менинг, ќе биде вратена в затвор по налог на федералниот суд поради „попречување на правдата“.
Менинг одбила да одговори на прашања за основачот на Викиликс, Џулијан Асанж.
Претставник на нејзиниот адвокатски тим тоа го изјави по сослушувањето пред судот во Александрија.
Судијата Ентони Тренга рече дека Менинг би можела да плаќа парична казна од 500 долари дневно, ако по 30 дена в затвор се уште одбива да сведочи, и дека казната може да се зголеми до 1.000 долари на ден по поминати 60 дена зад решетки.
Челси Менинг в затвор помина седум години, бидејќи од 2010 година на Викиликс му предаде 750.000 американски дипломатски и воени документи, чие објавување го засрами Вашингтон.
Таа на 8 март оваа година, беше испратена в затвор, откако одби да сведочи пред истражната порота за истрагата за Асанж, нарекувајќи ја таа постапка „нетранспарентна“ и недемократска.
Една од главните алатки на американскиот судски систем е истражната порота, која се формира за најтешките кривични истраги и мора да ја водат истрагата во највисока тајност.
Менинг пред една недела беше пуштена од затвор поради технички причини, бидејќи на истражната порота, која ја повика да сведочи и истече мандатот. Меѓутоа, во меѓувреме беше формирана нова истражна порота, која ја продолжи истрагата.
Таа вчера повторно одбила да соработува.
-Не се откажувам од моите принципи, со задоволство буквално би умрела од глад отколку да го променам мојот став, изјави Менинг пред судијата.
Судијата одговори дека нема ништо „нечесно” во исполнување на граѓанските должности.