Запалени наталожени смоли-саѓи во нечист, неисправен оџачки канал кој имал конструктивни недостатоци, а не електрична инсталација, се причина за пожарот во кој изгорана конаците на манастирот Трескавец, покажуваат извештаите на вештите лица кои се доставени до Основниот суд во Приле.
– Центарот на огнената стихија била гостинската соба број 6 веднаш до манастирската камбанарија. Во таа просторија викендот имало гости, најверојатно интензивно и прекумерно се ложела печката на дрва. Прво од саѓите и смолите се запалил подот, веднаш од таа пожарот се пренел во соседната просторија и за 20-тина минути се проширил секаде. Пожарот избувнал во 13 часот за петнаесеттина минути се проширил со силен интензитет, информира денеска портпаролот на судот Жарко Велески.
За експресно ширење на огнената стихија помогнал и ветрот кој дувал од западен правец.
– Критичниот ден, на 4 февруари во понеделникот дувал ветер од западен правец со брзина од 28 километри на час. Но на надморска височина од околу 1.300 метри бил многу посилен и за жал пожарот многу брзо ги опфатил конаците, вели Велески.
Со едниот извештај се констатира причината, а со другиот вештите лица целосно ја отфрлаат можноста дека пожарот бил предизвикан од електрична инсталација.
– Електричната инсталација во никој случај не е причина за пожарот. Таа можност во извештајот е отфрлена, додава портпраролот на судот.
Во официјалните констатации вештите лица наведуваат дека со реконструкцијата на конаците од 1990 година во објектот не се применети мерки за заштита од пожар, а во проектот за обнова нема елаборат за тоа.
Истражната постапка за пожарот во трескавец трае се уште.
– На истражниот судија е да реши дали треба уште да се појаснуваат некои факти или доволни ќе бидат извештаите на вештаците. Постои сомневање за несоодветно изведување на оџачкиот систем или, пак е отворено прашањето дали соодветно се одржувал оџакот. Но, да не се прејудицира, се останува на тоа како ќе постапува истражниот судија, вели портпаролот на прилепскиот основен суд Жарко Велески.
Во основното јавно обвинителство од каде побараа да се спроведе истражната постапка за пожарот во манастирот Трескавец, велат дека кога ќе ја добијат комплетната документација од истражниот судија ќе може да се изјаснат дали станува збор за несреќен случај или пак некој е одговорен за катастрофалниот пожар во кој изгореа конаците на манастирот Трескавец.
Во пожарот од 4 ти овој месец беа спасени црквата „Успение на пресвета Богородица“ и трпезаријата кои датираат од 12 и 13 век и се споменици на културата .