АНАЛИЗА: Долгови, недоволно квалитетна болничка храна, тужби – како се менaџирала Јавната здравствена установа?

Од:

Несоодветно квалитетни болнички оброци, без потребна нутритивна вредност. Милионски суми по основ на обврски кон добавувачите, вкупно 140 постапки по основ на тужби, недоследности и пропусти при менаџирање на паркинг просторот во рамките на Клинички центар. Ова се дел од наодите кои ги открива државната ревизија при увид во работењето на Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетските клиники, завод и Ургентен центар –Скопје, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk.

Оваа Јавна установа е значајна бидејќи извршува бројни работи и услуги за потребите на другите здравствени установи. Ревизијата се однесува на 2017 година.

Долгови на Јавната установа…

Со увид во документацијата, државната ревизија утврдува дека на крајот од 2017 година, ЈУ од областа на здравството прикажала неподмирени обврски во износ од 13,5 милиони евра и побарувања од 8,6 милиони евра.

„Поголем дел од обврските се по основ на наследени обврски од периодот на поделба на Клиничкиот центар кои не се надоместени од страна на Фондот што било предвидено со Одлуката за основање на Јавната установа и за кои се плаќаат казнени камати и трошоци за водење судски постапки. Исто така, клиниките нередовно ги плаќаат доспеаните обврски за извршените услуги, односно дел од клиниките редовно ги подмируваат режиските трошоци но нередовно ги плаќаат обврските по основ на спроведени групни набавки (одржување, поправки, лекови)“, наведува ревизорот и констатира дека поради ова Јавната установа е доведена во состојба да не може редовно да ги плаќа доспеаните обврски спрема добавувачите.

„Во функција на непречено извршување на активностите а во состојба на недостиг на финансиски средства, Јавната установа при плаќање предност им дава на обврските по основ на спроведени групни јавни набавки во однос на обврските за режиски трошоци. Ова влијае на хронолошката плаќање на обврските, односно во текот на 2017 година плаќани се обврски кои настанале во тековната година, иако сметководствено постојат обврски кои поттикнуваат од 2011 година“, пишува во ревизорскиот извештај.

Од одговорното лице се бара да преземе активности за обезбедување на средства од Фондот и насочување на ограничените финансии и кадар кон вршење на активности поврзани со основната дејност на Јавната установа како и хронолошко подмирување на обврските. Ревизорите откриваат дека во тек се вкупно 215 судски постапки кои ќе имаат влијание врз натамошното работење како и на износот на побарувањата, обврските, приходите и расходите на установата, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk.

Големи пропусти во управување паркингот на Клинички центар

Со паркинг просторот во рамките на Клинички центар од 2012 година управува ЈП Градски паркинг врз основа на Одлука на Влада за закуп со непосредна спогодба меѓу Министерството за здравство и Град Скопје. Ревизијата открива бројни недоследности и пропусти во начинот на управување со паркинг просторот. При вршење на ревизијата пред се било откриено дека Јавната установа од областа на здравството не располага со документација со која би потврдиле дека е изработен сообраќаен проект, дека е издадено Решение за утврдување на режим на сообраќај за секоја паркинг површина и дека е утврден бројот на паркинг места, иако во Годишниот извештај на ЈП Градски паркинг било наведено дека постојат 533 паркинг места, но ревизорот посочува дека не може да ја потврди реалноста на овие податоци.

„Согласно договорот Град Скопје (Градски паркинг) има обврска по основ на месечна закупнина да уплаќа на сметка на Министерството за здравство една третина од месечната добивка остварена од стопанисување со паркинг просторот, но не е прецизиран начинот на пресметка и континуирана размена на информации за висината на остварената добивка. Во периодот од склучување на Договорот до денот на ревизијата, на сметката на Министерството уплатени се само 43 000 евра“, открива ревизијата и посочува дека со Договорот не е предвидена обврска за плаќање во делот на заедничките режиски трошоци за вода, струја, смет во комплексот клиники кои треба да ги плати ЈП Градски паркинг.

„ЈП Градски паркинг не ги подмирува своите обврски кон Јавната установа по основ на изготвени и доставени фактури. Побарувањата на Јавната установа по овој основ на ден 31.12.2018 година изнесуваат 66 000 евра“, заклучуваат ревизорите.

Како се хранеле пациентите…

Врз основа на Договор за деловно техничка соработка, обезбедувањето и снабдувањето со исхрана на пациентите и персоналот се дадени на стопанисување на надворешно правно лице (фирма). Со увид во состојбата, ревизорите утврдуваат низа на пропусти и слабости. Меѓу другото се посочува дека цената на болничкиот оброк ( појадок, ручек, вечера) за пациентите утврдена во 2009 година е во висина од 239 денари без ДДВ, што според ревизорите е нереално ниска и не овозможува планирање и приготвување на квалитетни болнички оброци со соодветна и нутритивна вредност предвидена со Договорот.

„Предвидени се 32 менија за различни видови болести и диети, но може да се констатира дека клиниките во порачките во најголем број на случаи го нарачуваат општиот оброк, не земајќи ги предвид реалните потреби на пациентите. Иако во Договорот е предвидено, во поголем дел од клиниките не се назначени лица задолжени за прием на храната и не се врши споредба на нарачаните и испорачаните оброци“ – посочува ревизијата и открива дека Јавната установа во неколку наврати барала од Владата да дозволи зголемување на цената на болничкиот оброк и враќање на нејзините надлежности во однос на обезбедување и снабдување со исхрана на пациентите, но до денот на ревизијата немало одговор.

Инаку, во 2017 година со Јавната установа од областа на здравството раководел вршител на должност кој бил именуван врз основа на спроведен јавен повик за избор на директор уште во 2014 година.

„Согласно законската регулатива вршителот на должност може да ја извршува функцијата до именување на директор но не подолго од шест месеци од денот на неговото именување“, пишува во ревизорскиот извештај, пренесува Порталб, и се наведува дека доколку во овој период не се именува директор, се именува нов вршител на должност а до денот на ревизијата основачот на Јавната установа не ги преземал потребните активности за именување директор. Дополнително ревизорите утврдуваат дека одговорното лице од 2008 година е именувано и за вршител на должност.

Државните ревизори наведуваат дека финансиските извештаи од Ревизорскиот извештај се одговорност на раководството на Јавната установа застапувана од д-р Шкодране Дардишта в.д Директор од 9 октомври 2008-та година.

Анализа на Порталб

Би можело да ве интересира

Во медиумите во Македонија работат 2.100 луѓе, 20% од редовно вработените се во онлајн медиуми

A1on

Државата да ја регулира заштитата на националната критична инфраструктура и да ја унапреди заштитата на јавните места пред да доживееме трагичен напад

A1on

Анализа на Собрание: Половина пратеници говорат без аргументи, нема почит кон личноста на колеги од друга партија

A1on

Репортажа – Грција: Цени и услуги, дождот го „потопи“ почетокот на летната сезона!

Ана Ололовска

Шесте најзадолжени општини имаат долг од 36 милиони евра, високо котира и Град Скопје

Ана Ололовска

Анализа: Јавните претпријатија меѓу најголемите „работодавачи“

Ана Ололовска