Во Охрид продолжи изградба на 32-метарското минаре на Алипашината џамија. Работници денес се вратија на градилиштето по неколкудневна пауза за време на изборите. Од здружението „Совест“ велат дека се гради нов кат на минарето. Обвинуваат дека повторно се изигруваат институциите и најавуваат црвен картон за дивоградителите.
„Си поминаа изборите и си тераат по старо. Еве, денес, се спрема нов спрат на минарето, кое е дивоградба на Алипашината џамија. Правда, закон, жолт картон, порака, нешто? Охрид нема време да чека. Довербата повторно ви ја дадовме, жолтиот картон го испорачавме, не си дозволувајте да не изиграте, оти следно е црвен!“, објави здружението „Совест“.
Премиерот Зоран Заев пред изборите рече дека изградбата ќе почека додека не се најде решение, а разговорите со сите страни ќе продолжат по изборите. Тој неколку пати го смени ставот во однос на минарето. Прво рече дека институциите ќе се водат според законот, а откако ИВЗ излезе со став дека нема компромис за изградбата на минарето, премиерот ги ублажи ставовите и потенцираше дека треба да се почитуваат и други околности, но не прецизираше кои се тие.
Од Исламската верска заедница не отстапуваат од ставот дека изградбата на минарето треба да продолжи и покрај тоа што од самиот почеток е дивоградба.