Медиумите во Северна Македонија му дадоа три имиња на 82-годишниот поглавар на Римокатоличката црква при неговата посета во Скопје. Oва е сосема оправдано ако се земе предвид фактот дека лингвистите кај нас сè уште се со поделени научни ставови која форма е најприфатлива.
Ова прашање првин беше актуализирано веднаш по изборот на актуелниот папа. Во медиумите се појавија разни имиња на папата, па професорот Трајко Стаматоски тогаш за „Утрински весник“ изјави дека името на папата е според еден од најголемите светци во Католичката црква – Франциско од Асизи, заштитникот на сиромашните. „Името на папата на македонски јазик е Франциско според аналогијата на тоа како до ден-денешен го нарекуваме основачот на францисканскиот ред, Франциско од Асизи“, изјави тогаш Стаматоски.
Сепак, друг дел од лингвистите искоментира дека оригиналното име на светецот Франциско од Асизи доаѓа од латинското „Францискус“, а не од шпанскиот јазик за да се транслитерира како Франциско. Оттука, објаснувањето е дека папата или треба да се вика Франциск со скратено -ус или Францискус со зачувано -ус како кај Нострадамус. Освен тоа, според Правописот на македонскиот јазик, имињата од средновековниот латински јазик на -us или -ius не го губат завршокот. Оттука, Franciscus на македонски би се транслитерирало во Францискус.
Во објаснувањата можеше да се прочита и толкување дека ако името на папата е според името на светецот, од Асизи (Италија), треба да се вика Франческо, а доколку се земе предвид потеклото на папата, тогаш од шпански јазик, мора да е Франсиско.
Според разбирањето, особено на вернците, треба сериозно да се разгледа и можноста за локализирање на името на папата на начин што ќе се прифати формата што ја користи римокатоличкото население во Македонија (претежно Хрватите) – Фрањо.