Политичката партија Алтернатива му ја честита победата на Стево Пендаровски, а изборите ги оцени како коректни, со кои како што велат е загарантиран евро-атлантскиот пат.
„Сега, кога веќе се прибираат повеќето информации од штабовите на Алтернатива, ние сме тука да го кажеме нашиот став во однос на овие избори, за изборниот процес, како и за победникот на овие претседателски избори.
Од информациите кои ни пристигнуваат од локалните штабови на Алтернатива, претседателските избори, како во првиот, така и во вториот круг, беа коректни, праведни и не се забележани инциденти, кои можеа да му наштетат на кредибилноста на изборниот процес. На овој начин државата, овој пат, го положи испитот на демократската зрелост, а овој процес беше еден вид потврда дека оваа влада има капацитети да организира праведни и уредни избори, за кои веруваме дека ќе бидат вреднувани и од релевантните меѓународни институции и ова ќе се валоризира и во одредување на датумот за отворање на преговорите за членство во ЕУ.
Втората работа која сакаме да ја истакнеме е дека овие избори потврдија дека мнозинството на нашите граѓани се за западните вредности и за евро-атлантската интеграција на земјата. Дури и излезноста на овие избори, постигнувањето на потребниот цензус и изборот на кандидатот што гарантира стабилност, интеграција и просперитет, е уште една потврда за нашата стратешка определба.
На крај, од информациите на нашите штабови, како и од другите информации кои ни доаѓаат од терен, ние од сега можеме да му ја честитаме победата на кандидатот Стево Пендаровски. Неговата победа е најдобар показател на нашата партиска определба, но и за тоа дека Албанците во Северна Македонија се елементот кој ја одредува стратешката иднина на земјата.
Ние му се заблагодаруваме на сите граѓани кои се одѕваа на повикот за гласање и ја избраа праведната страна на историјата на ова држава“, изјавија од Алтернатива.