Според информации од Клиниката за детски болести, во текот на вчерашниот ден десет и пол месечното бебе кое повеќе од две недели беше на интензивна нега починало како последица од компликации од мали сипаници, изјави денеска доктор Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.
Ова е четврти смртен случај како последица од мали сипаници од почетокот на прогласувањето на епидемијата досега.
Кај починатото дете претходно не биле регистрирани хронични заболувања и не било вакцинирано.
– Имало тешка пневмонија, мозочно крварење, рече Микиќ и апелираше дека малите сипаници се навистина сериозно заболување и претставуваат повеќесистемско заболување и може да ги нападнат сите органски системи и системот за дишење и централниот нервен систем, интестинален систем…
Нагласи дека во изминатата недела биле пријавени 113 сомнителни случаи од кои кај 110 се регистрирани мали сипаници. Од нив, 46 се во Скопје, а 64 се од другите градови.
-Се уште се одржува висока активност на вирусот на морбили. Очекуваме доколку се зголеми бројот на вакцинираните особено кај претшколските деца надвор од Македонија дека оваа бројка ќе почне да се намалува. Повеќе од три четвртини од новопријавените случаи се невакцинирани, а најголем број се деца, значи половина се деца на возраст до четири години, но има и висок број на регистрирани случаи кај повозрасните групи односно кај лица на возраст над 30 години, рече д-р Микиќ.
Тој додаде дека во однос на возрасната дистрибуција повеќе од 217 се деца на возраст под една година. Посочи дека оваа недела има зголемување на бројот на вакцинирани деца. Минатата недела биле вакцинирани повеќе од 500 деца во Скопје, а повеќе од 50 отсто споредено со минатата недела биле вакцинирани во другите градови.
-Се уште сме далеку од онаа бројка што сакаме да ја постигнеме односно повеќе од 95 отсто опфат на вакцинирани деца надвор од Скопје затоа што во Скопје речиси ја достигнавме онаа посакувана бројка на вакцинирани деца и имаме само помалку од 3.000 невакцинирани деца. Вкупно треба да се вакцинираат уште 19.926 деца од кои во Скопје се 2.900, а останатите 16.000 се во другите градови, истакна д-р Микиќ и додаде дека од кога е почната теренската вакцинација до сега вкупно се вакцинирани 22.930 деца од кои 13.375 се од Скопје, а 9.555 се во другите градови.