Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на денешната прес конференција посветена на денот на медиумите рече дека во изминатите 2 години направено е многу во однос на слободата и департизацијата на медиумите, но дека тоа не е доволно и дека има уште многу работа до целосна реформа за да се дојде до посакуваната цел во однос на работата на медиумите.
-Минатата година направивме доста за слобода на медумите. Се усвои законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги што е основа на департизација на медиумите. Имаше жестоки противници од опозицијата, но конечно сите политичари ги тргнаа рацете од медиумите. Ги отстранивме двете забелешки од извештајот на репортери без граници, но ова не е доволно. Се надевам дека следната година ќе имаме уште поголеми резултати, рече Манчевски.
Тој истакна дека следни за реформи во медиумскиот простор се Националниот радио дифузер и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги. Според него резултати во овој поглед треба да има до крајот на годината.
Манчевски истакна и дека од доаѓањето на новата власт односно 1 јуни 2017 година па наваму разрешени се сите случаи каде имало напади врз новинарите, а исто така утврдено е дека во 2018 година за 3 пати е намален бројот на напади врз новинари.
-Сите кои ќе се дрзнат да нападнат новинар при работа ќе бидат казнети. Се уште има многу работа пред нас, но направивме атмосфера на слобода, вели Манчевски.
Во овој контекст, запрашан од новинарите зошто се уште нема никакво обвиненија за немилиот настан кој се случи во Арачиново каде беше заробена новинарската екипа на една албанска телевизија, Манчевски рече дека треба да се остави повеќе време на надлежните институции за прибирање на докази бидејќи нема никаков записник или друг документ кој ќе даде целосна слика за настанот.
-Настанот во Арачиново беше осуден експресно од страна на градоначалничката. Тоа е она што владата може да го направи, а за незадоволството од работата на судот, треба тие да бидат прашани, рече Манчевски.
Виктор Јованов