Вкупно 95 пријави од судии стигнале за 6 непополнети судиски места во Апелацискиот суд во Скопје, потврдија од Судскиот совет за „А1 он“. Најголем дел од пријавите стигнале од судии на скопскиот Кривичен и Граѓански суд. Некои судии конкурирале за во неколку оддели во скопска Апелација. Во февруари, Судскиот совет објави оглас за тројца судии кривичари, двајца во граѓанскиот оддел и еден судија кој ќе суди трговски спорови.
Судии во скопска Апелација за „А1 он“, велат дека состојбата посебно во кривичните совети каде што судат петмина судии е алармантна и по потреба улетуваат судии од други оддели, само за да се одржи судење. „А1 он“ дознава дека меѓу кандидатите кои конкурирале за повисокиот суд се и неколкумина судии од Одделението за организиран криминал во Кривичниот суд, кои ги судат предметите на СЈО. Тоа значи дека ако бидат избрани тие судии, предметите би почнале од почеток.
Новоизбраниот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев, рече дека очекува до почетокот на летните одмори да го направат изборот на судии во скопска Апелација, која што се чини дека е сè поатрактивно атрактивно место за судиите од Северна Македонија.
За Управнот суд, каде што аплицираат не само судии, туку и други профили на правници, стигнале вкупно 56 пријави. Лани, таму беше избран Субхи Јакупи од ДУИ, кои поднесе оставка откако беше објавено дека си поделил бонуси на седницата на Државната изборна комисија.
Во 2017 година за судија-кривичар во скопска Апелација беше избрана Тања Милева од Основниот суд Велес, сопруга на Игор Милев, ексчленот на ДИК од СДСМ, сегашен советник на директорот во Царинската управа. За апелационен судија во граѓанскиот дел избрани беа судиите Мелек Елези и Зоран Герасимовски.
В. Маглешов