„Хероите никогаш не умираат“ е пораката која овој Велигден дел од граѓаните си ја разменуваат покрај честитките за празникот, во знак на сеќавање на осумтемина припадници на специјалните единици на МВР и АРМ кои на 28 април 2001 година, од заседа, беа масакрирани кај тетовско село Вејце.
Загинаа Роберт Петковски (27) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27) од Битола, Илче Стојановски (24) од Битола, Кире Костадиновски (24) од Битола и Бошко Најдовски (24) од Битола.
Членови на семејствата на згинатите заедно со претставници од општините Битола и Новаци и претставници од СВР-Битола денес положија свежо цвеќе пред споменикот во дворот на СВР-Битола и пред споменикот „Ангел“ во близина на градскиот часовник во Битола.
Вчера во Слатино, општина Дебарца во пресрет на 18 годишнината од масакрот, се одржа комеморација пред спомен обележјето на Игор Костоски.
„28 април 2001 година е најцрниот ден во поновата македонска историја. Ден кога кај Вејце од страна на припадници на терористичката ОНА, на подмолен начин, во заседа беа убиени, а потоа масакрирани, а некои и живи запалени, 8 бранители, и тоа- 4 припадници на Специјалната единица на АРМ, “Волци”, меѓу кои и водникот Игор Костески и четири припадници на посебната единица на СВР Битола. Судбината сакаше Дебарца, која уште од времето на Свети Климентовата Кутмичевица, преку Илинденското востание, НОБ дала многу жртви и херои за денешната слобода, да даде уште една жртва и во воениот конфликт од 2001 година“, рече градоначалникот на Општина Дебарца, Зоран Ногачески.
Осумтемина загинати барнители, заедно со уште шестмина кои преживеаја, беа нападнати од заседа движејќи се меѓу тетовските села Селце и Вејце. Нивните тела беа масакрирани и запалени на планинскиот пат.
Шесттемина преживеани биле во последното возило од колоната. Повредени, успеале да се извлечат и да јават за масакрот.