Без плата од Собранието, но со пратенички мандат, експремиерот и актуелен пратеник Никола Груевски ги заокружува шесте месеци во Будимпешта како бегалец од правдата. Активен на „Фејсбук,“ со критики на политиките на власта најчесто за судството и економијата, со бројни цитати од Ниче и Шопенхауер и интервјуа за домашни и странски медиуми – Груевски се чини има удобен живот во Унгарија.
Ресторани, кафулиња и шопинг центри се единствените места на кои може да се види во јавноста. Но, на 13-ти мај, денот кога изминува пола година откако Груевски на „Фејсбук“ самиот објави дека ја напуштил државата, удопството на момент може да му биде нарушено и да се соочи со губење на пратеничкиот мандат.
Според Деловникот на Собранието, на пратеник му се одзема мандатот ако шест месеци неоправдано не се појавил на работа.
„За пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања“, стои во член 59 од Деловникот.
Комисијата има рок од 15 дена да поднесе предлог за одземање на мандатот, а потоа за предлогот се расправа на првата наредна седница. За да се одземе мандатот потребно е две третини од пратениците да гласаат „за“.
По изборите, кога изминуваат шесте месеци отсуство на Груевски, собранискиот спикер Талат Џафери има можност да ја извести Комсијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, дека пратеникот бил отсутен повеќе од шест месеци.
Сепак, неизвесно е како ќе постапи и дали ќе го забележи отсуството како неоправдано, ако се земе предвид гласањето на Џафери како „воздржан“, за законските измени со кои во јануари му беше одземена платата на Груевски, како и последните случувања со неуспешниот обид за одземање на имунитетот на Трајко Вељаноски, кога пратениците од власта го посочија Џафери како главен виновник.
Она што е неизвесно исто така е и двотретинското мнозинство кое е потребно да се одземе мандатот. Кога на 9-ти ноември минатата година, само неколку дена пред бегството на Груевски, се гласаше за одземање на мандатот, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ заедно со исклучените пратеници од оваа партија гласаа „против“.
Тогаш основа беше барањето од кривичниот суд за симнување на мандатот бидејќи имаше правосилна пресуда од 2 и пол години затвор, за предметот „Тенк“.
Тој избега од државата во ноември, денот кога се чекаше да се појави во истражниот затвор Шутка на отслужување затворска казна. Полицијата не го најде во неговиот дом, ниту во седиштето на партијата каде е почесен претседател.
Меѓународна потерница беше распишана неколку дена подоцна, односно на 13-ти ноември 2018, истиот ден кога Груевски го напиша фејсбук статусот дека е во Унгарија и дека ќе побара азил.
МВР, Обвинителството и другите надлежни институции се уште не откриваат детали до каде е истрагата за бегството на Груевски, кој е одговорен, дали некој му помогнал и дали имало пропусти во безбедносниот систем.
Галена Николовска-Ризвановиќ