Еден месец пред европските избори листата на Националниот Собир (РН) поранешниот Национален фронт е во водство пред Република во движење (ЛаРем) – партијата на претседателот Емануел Макрон, покажуваат резултатите од анкетата на „Опинион Веј-Тилдер“ изработена за весникот „Екхо“.
„За“ листата предводена од Жордан Бардела се изјасниле 24 отсто од испитаниците, што претставува зголемување за еден процент во споредба со минатиот месец и три процентни поени пред владејачката Ла Рем-Модем, предводени од Натали Лоазо, која губи два процентни поени и нејзиниот рејтинг е 21 отсто.
Падот на листата ЛаРем може да му се припише на чекањето на најавените мерки по големата дебата, истакна заменик генералниот директор на „Опинион Веј“, Бруно Жанбарт.
Претседателот Макрон вечерва на прес-конференцијата во Елисејската палата ќе ги претстави мерките на „големата дебата” организирана како одговор на кризата со Жолтите елеци.
За листата на републиканците (ЛР), поранешната УМП, предводена од Франсоа-Ксавиер Белами се изјасниле 14 проценти од испитаниците, што е за еден отсто повеќе од минатиот месец. Од шесте листи од левицата, Непокорна Франција е најдобро пласирана со девет проценти, плус два поени во споредба со март, но далеку од 20 отсто гласовите добиени за лидерот на партијата Жан-Лук Меленхон во првиот круг на претседателските избори во 2017 година.
Потоа следат, Европа Екологија – Зелените кои стагнираат на седум отсто, пред коалицијата Јавно место – Социјалистичка партија со шест отсто од гласовите. Сите други листи добија помалку од пет роценти, што значи дека не би го поминале изборниот праг.