Американското воено воздухопловство претстави прототипови од новата генерација беспилотни летала, големи колку инсекти, кои ќе можат да преплават цел град, обезбедувајќи постојано надгледување над стотици цели, но по потреба ќе можат и да убиваат непријатели со отров или со експлозив.
Деталите за минијатурните роботи за првпат му се откриени на списанието „Нешнл џиографик“.
Армијата на САД откри дека овие летала се подготвуваат во воената база Врајт Патерсон во Дејтон, во сојузната држава Охајо. Концептот на леталата е преземен од молецот, и како и овој инсект, и роботите имаат минијатурни крилца кои овозможуваат роботот да лета, но и да лебди во место.
Друг вид на летало ќе полетува како птица и е предвидено да застане на електрични кабли и да набљудува цели.
Беспилотните летала ќе имаат и нозе, како вистински инсекти, и ќе можат да се протнуваат низ дупки и влегуваат во згради. Сегашните батерии, според Нешнл џиографик, овозможуваат само неколку секунди лет, но се очекува за неколку години роботите да можат да издржат многу подолго распоредени на фронтот.
Но, една од можностите кои ги разработува армијата на САД е тие да можат да ја користат електричната мрежа во местото каде ќе бидат распоредени и сами да ги полнат своите батерии. Леталата ќе служат за набљудување, но и за борбени акции. Армијата објави снимка на која се гледа како едно вакво летало може да му се приближи на непријателски снајперист и да го ликвидира.
Борбените верзии на леталата можат да бидат опремени со хемикалии, експлозиви и со запаливи материјали.
Американската војска со голем успех почна да распоредува беспилотни летала, управувани од пилоти во бази во САД, кои служат за набљудување на фронтот, но можат да истрелаат и неколку проектили кон непријателот. Претседателот Барак Обама во изминатите години одобри масовно користење на овие беспилотни дронови за ликвидирање на осомничени терористички команданти, пред се во Пакистан.