Обединетите нации во март побараа од Франција темелна истрага за бројните обвинувања за полициско насилство за време на демонстрациите на Жолтите елеци, а париски „Ле Монд“ дојде до одговорот на Париз, во кој се отфрлаат сите обвиненија, јави дописникот на МИА.
Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Мишел Башлет, побара од Франција темелна истрага за бројните обвинувања за полициско насилство од почетокот на мобилизацијата на 17 ноември.
– Овие демонстрации беа обележани со сериозно насилство извршено од страна на некои демонстранти, против полицијата, новинарите или други лица, се бранат француските власти во преамбулата на документот.
Документот на 21 страница во голема мера ја оправдува употребата на оружје од страна на полицијата. Употребата на ова оружје „овозможи да се стопира насилството и да се избегнат смртни случаи и во редовите на полицијата и во редовите на демонстрантите”.
Според “Ле Монд“, четири страници од одговорот се посветени посебно на одбраната на ЛБД (еден вид на гумени куршуми), виновни за осакатување на многу голем број демонстранти.
– Во зависност од употребената муниција, ЛБД може да предизвика значителна штета ако погодат луѓе на оддалеченост од три до 10 метри. Полицијата прибегнува кон употреба на ЛБД кога е неопходно да се спречи некое насилно или опасно лице. Во ниту еден момент не се употребува ЛБД против демонстрантите, дури кога и тие се жестоки, ако не вршат физичко насилство насочено против полицијата или нанесуваат сериозна штета. Но, тогаш тоа повеќе не е демонстрант, туку учесник во насилен и нелегален собир, се посочува во документот.
Француските власти наведуваат и дека „се додека не заврши истрагата не е можно да се утврди дали е оправдана употребата на ЛБД оружјето.