Завршува кампањата, од полноќ молк пред неделните избори

Од:

На полноќ завршува дваесетдневната кампања и почнува молкот пред неделните претседателски избори и предвремените локални во општините Охрид, Дебар и Ново Село и почнува изборниот молк.

Двајца од тројцата кандидати за претседател ја завршуваат изборната кампања со средби со граѓани и митинзи, додека кандидатот поддржан од Алијанса за Албанците и „Беса“, Блерим Река вчера со митинг во Тетово ја заокружи изборната кампања.

Кандидатот за претседател од СДСМ, Стево Пендаровски кампањата ја завршува денеска во западниот дел од државата, односно ќе одржи митинзи во Струга и Охрид, а во текот на денот ќе има средби со граѓани во Дебарца, Вевчани и Лабуништа, додека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова ќе биде во источниот дел од државата, поточно ќе има вечерен митинг во Штип, а претходно ќе одржи митинг и во Пробиштип.

Утре, ден пред изборите, своето право на глас можат да го остварат 1.640 лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, седум внатрешно раселени лица, како и 3.583 немоќните и болни кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.

Внатрешно раселените лица гласаат во прифатлиштата каде што се сместени, болните и немоќните лица во нивните домови, а избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување куќен притвор гласаат во местото каде ја издржуваат мерката.

Гласањето и утре и задутре на денот на изборите почнува во седум и ќе трае до 19 часот.

Претседателските избори ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и Градот Скопје и на 32 во странство. Право на глас имаат 1.808.131 граѓани.

Во изводите од избирачкиот список се запишани 1.726.795 гласачи, 77.579 избирачи се на привремена работа или престој во странство, 1.640 се на издржување казна затвор или се во притвор, а седум гласачи се запишани како внатрешно раселени лица. Во посебнниот извод од избирачкиот список за лица кои поднеле пријава во ДКП-ата во странство запишани се 1.781 гласач.

Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 5 мај.

Ова се шести претседателски избори во земјава од нејзиното осамостојување во 1991 година.

Би можело да ве интересира

Народниот правобранител со бесплатна телефонска линија за изборни повреди на 2 ноември

Последен ден од изборната кампања за градоначалници за вториот круг од локалните избори

Вилдерс без мнозинство, Јетен бара стабилност – Холандија се соочува со сложени преговори за влада

(ВИДЕО) Мицкоски: Изборниот процес се одвива мирно и достоинствено, очекувам да прогласиме уште една историска победа

Горан Наумовски

Излезеноста до 15 часот 31,16 отсто, ист одзив има и во Град Скопје

Горан Наумовски

МВР: Во Прилеп уапсени се две лица поради „поткуп при избори и гласање“