Донесен Законот за отпишување на камати на доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување

Од:

Собранието на Република Македонија, во рамки на продолжението на 55. седница го донесе Законот за отпишување на камати на доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување.

Заменик-министер за финансии Земри Ќамили истакна дека Владата на Република Македонија предлага закон за отпишување камати по доспеани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување со кој ќе се овозможи целосно отпишување на каматите за придонесите од задолжително пензиско и инвалидско осигурување кои настанале до 2009 година, ако уплатата на основниот долг се изврши за шест месеци. Со истиот предлог на закон се овозможува и отпишување на камати по основ на долг за сите видови придонеси од социјално осигурување во периодот од 2009 до 2012 година.

– Законот ги предвидува овие можности: стопроцентно отпишување на каматата ако главниот долг се плати во рок од шест месеци од поднесување на барањето. Седумдесет и пет проценти отпис од каматата доколку долгот се врати за  12 месеци, рече Ќамили. Педесет проценти од каматата ќе бидат отпишани доколку долгот се отплати во период од 12 до 18 месеци.

Целта на оваа мерка на Владата е да им се излезе во пресрет на барањата на стотици македонски фирми кои се однесуваат на заостанати обврски по основ на пензиско и здравствено осигурување. Се проценува дека вредноста на каматите кај долгот по основ на пензиско осигурување изнесува 40 проценти од долгот.

Изет Зеќири, од НДП смета дека ова е популистичка мерка на Владата, која има позитивни, но и негативни страни. Предноста, според него, е што им се дава можност на фирмите да ги отплатат долговите. Меѓутоа, вели Зеќири, оваа мерка нема да влијае врз исплатата на долгот.- Потребно е оваа Влада да понуди фискална амнестија, со која ќе се направеше пресек и сите оние кои имаат обврски да се аменстираат, со цел сите да бидат мотивирани да ги плаќаат придонесите, изјави пратеникот на НДП. Негативните страни на законот се дека со него се врши дискриминација во однос на оние кои редовно плаќале обврски.

Заменик-министерката за правда Билјана Бришковска-Бошковски ги образложи измените и дополнувањата на Кривичниот законик, во прво читање. Расправата ќе продолжи во 15 часот.

Со измените се предвидуваат затворски казни за лажирање спортски натпревари и построги казни за насилството на спортските терени. За превенција и санкционирање на насилството на спортските терени пропишан е нов облик во постојното кривично дело „насилство“ во кое се предвидува казна затвор од шест месеци до пет години за тој што друг малтретира, навредува, ја загрозува сигурноста или врши врз него грубо насилство поврзано со спортски натпревар, пред тоа, за време и по завршувањето на натпреварот.

Предвидена е казна затвор од три до десет години, односно од една до пет години доколку се предизвика тешка телесна повреда или смрт на некое лице, како и предизвикување тепачка, нереди и оштетување имот од поголема вредност.

Пропишана е и кривична одговорност  и за организаторот на групата што го извршила, како и за организаторот на спортскиот натпревар кој не презел мерки за спречување на насилството, за што е предвидена казна затвор од три до десет години.

Во кривичното дело „измама“ се додава нов став согласно кој се пропишува дека со казна затвор од една до десет години ќе се казни тој што со намера за себе или за друг да прибави противправна имотна корист, ќе доведе друг во заблуда или ќе го држи во заблуда со лажно прикажување или прикривање факти што се однесуваат на лажиран спортски натпревар или наместен резултат на спортска игра, и со тоа го наведе да стори или не стори нешто на сметка на својот или туѓ имот.

Во областа на лажирањето спортски натпревари се и дополнувањата на кривичните дела кои се однесуваат на активниот и пасивниот поткуп.

Значајна новина во овој закон е санкционирањето на посредниците во давањето и примањето на подарокот кои во практика најчесто ги вршат овие кривични дела. Во однос на активниот поткуп во членот 253-а е додаден нов став во кој е пропишано дека тој што директно или индиректно ќе вети, ќе понуди или ќе даде подарок или друга корист или ветување или понуда за таква корист на организатор или учесник во спортски натпревар со намера да ги запостави интересите на правното или физичкото лице што го организира натпреварот за да се постигне резултат кој не зависи од спортската игра и правилата на спортскиот натпревар, ќе се казни со затвор од една до пет години.

На дневен ред на оваа седница се и Предлог-законот за катастар на недвижности, во прво читање, измените и дополнувањата на Законот за домување, на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Законот за пожарникарството, сите во прво читање.

Пратениците треба да дискутираат и за Стратегијата за родова еднаквост 2013-2020,  Годишниот извештај за работата на Агенцијата за електронски комуникации за 2012 година, Предлог-одлуката за одобрување на Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2013 година, Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2013 година, Финансискиот план на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување за 2013 година.

На дневен ред на седницата е и Годишниот финансиски план на Јавното претпријатие Македонска радио-телевизија за 2013 година и Предлог-одлуката за давање согласност на Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Втор ден амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Почнува амандманска расправа за Предлог – буџетот за 2025 на Комисијата за финансирање и буџет

Продолжува комисиската расправа за Предлог – буџетот за 2025 година

Почнува комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година

Собранието го одобри Предлог на законот за дополнување на Законот за градежно земјиште