Последнава недела пријавени се вкупно 126 нови случаи на мали сипаници, лабораториски потврдени или поврзани со епидемиолошка врска, соопшти Институтот за јавно здравје. Најмногу заразени и последнава недела, односно до 06.04.2019 до 12.04.2019 се од Скопје – 57 случаи, 22 случаи биле пријавени во Куманово, 15 случаи во Струга, 10 случаи во Тетово, по три случаи се пријавени во Велес и во Прилеп и по еден случај е пријавен во Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Охрид.
Од почетокот на епидемијата во Скопје, во декември 2018 се регистрирани 961 случаи на мали сипаници, а од нив 682 се епидемиолошки поврзани и пријавени во епидемијата во Скопје.
Според место на постојано живеење, случаи на мали сипаници се регистрирани во 20 градови од Македонија, од нив 613 случаи од Скопје, 93 од Куманово, 79 од Тетово, 50 од Струга, 31 од Кичево, 18 од Гевгелија, 17 од Дебар, по 16 од Гостивар и Велес, 6 се во Прилеп, по 4 случаи има во Кочани и во Штип, a во останатите 8 градови се регистрираат спорадични случаи.
Активни епидемии на мали сипаници во моментот има во шест здравствени региони – Скопје, Тетово, Куманово, Гевгелија, Кичево и Струга.
Најголем број на случаите се од возрасната група над 30 години, 412 или 42,9% од вкупниот број. Висок процент на заболени се регистрира и кај возрасната група од 0-4 години со 34,4% од вкупниот број на заболени. Од вкупно 166 заболени деца на возраст од 1-4 години, 150 или 90,4% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 545 заболени кај лицата над 20 годишна возраст, 67,5% се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од почетокот на епидемијата, во Скопје, вкупниот број на вакцинирани лица до 14- годишна возраст кои подлежат на вакцинација со прва или втора доза, изнесува 11.919 деца. Во останатиот дел од републиката, од почетокот на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица до 14-годишна возраст со прва или втора доза, изнесува 7.542 деца.
Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 19.461.
Маја Илиевска-Пачемска